Новинарката Ула Шегула вечерва изјави дека во поплавите во Словенија, кои ги нарече најголема катастрофа во историјата на земјата, уништени се регионите Корушка, Горењска и Савинско.
Сепак, нагласува дека секој знае што да прави и како да помогне.
„Цивилната заштита, пожарникарите, единиците од странство, доброволците помагаат на терен, дури и НАТО испрати хеликоптери“, изјави Шегула за новинската агенција „Танјуг“.
Вели дека во овој момент не може да се замисли колкава е штетата особено за земјоделството, а некои компании нема да можат да почнат со производство уште неколку недели.
„Постои голема тага, очај и ужас. Луѓето можеа само да гледаат како водата уништува сè што граделе цел живот“, рече Шегула.
Проблемот е што опасноста не поминала бидејќи се активираат одрони.
„Има толку многу затворени патишта низ Словенија што е тешко да се избројат. Многу мостови беа урнати или целосно уништени“, рече таа.
Шегула потсетува дека словенечката влада побарала помош преку европскиот механизам и додава дека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во среда ќе биде запознаена со последиците од невремето.
„Навистина епска катастрофа и можеме само да се надеваме дека нема да има дожд уште некое време за да се извршат најитните поправки“, вели Шегула.
За еколошката катастрофа што му се заканува на Крањ, каде што поплавите сериозно го оштетија мостот кој беше прицврстен за бетонската обвивка околу канализационата цевка за отпадна вода, Шегула вели дека мостот е тешко оштетен, а проблемот е што има канализација до кои се поврзани 25.000 луѓе.
„Се стравува дека фекалиите ќе се излеат во Сава. Би следела еколошка катастрофа, не само во Крањ, туку и во другите делови по Сава. Градоначалникот на Крањ, Матјаж Раковец, пред неколку часа најави дека веднаш ќе почнат со итна санација, но дека им е потребна помош од државата. Тие веќе имаат градежна дозвола за новиот мост, но им требаат пари“, рече Шегула.
Таа истакнува дека нејзините сонародници, како што рече, како и секогаш до сега кога се соочувале со тешкотии, покажале голема хуманост.
„Силата и помошта на добрите луѓе кои помагаат, особено нашите пожарникари и цивилната заштита. Тие се навистина херои, но сите заедно помагаме и ќе дадеме се од себе. Некои со донации, некои ќе земат лопати во раце, некои ги дадоа своите викендички или станови на оние на кои водата им проголта сè“, рече Шегула.