Поднесениот приговор е доставен до Вишото јавно обвинителство

Вишото јавно обвинителство ја разгледува одлуката за запирање на истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино, вредна повеќе од 160 милиони евра. Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески потврди дека предметот, заедно со приговорот поднесен од ЕСМ, веќе е доставен до надлежен виш обвинител кој треба да донесе одлука за натамошното постапување.

Според Савески, пред Вишото обвинителство стојат две можности – да го уважи приговорот и да наложи дополнителни активности во предметот или да го одбие и да ја потврди одлуката за запирање на истрагата.

Во меѓувреме, ЕСМ побарало и преиспитување на работата на обвинителката Катерина Коларевиќ, која го водела случајот, но таква постапка засега нема да биде отворена.

„Нема веднаш да се премина на контрола и надзор бидејќи предметот е во фаза на второстепено одлучување. Замислете каков притисок би било тоа за обвинителот од организиран криминал и корупција и на обвинителот од вишото да ја преиспитува основаноста на приговорот или одлучувањето, а во исто време републичкиот обвинител да прави контрола и надзор“, рече Савески.

Се собираат докази и за случајот со Државна видеолотарија

Републичкиот обвинител информираше дека обвинителството продолжува да прибира докази и во предметот поврзан со Државна видеолотарија, во кој е осомничен поранешниот вицепремиер Артан Груби.

Како што посочи Савески, Груби сѐ уште не е повикан на распит, а времето кога тоа ќе се случи ќе зависи од истражната стратегија на надлежниот обвинител и од доказите што се обезбедуваат во постапката.

Меѓународна истрага за запленетата марихуана

Обвинителството работи и на истрагата за големата количина запленета марихуана, при што се испитува можноста зад случајот да стои организирана криминална мрежа во која се вклучени државјани од повеќе земји.

Савески нагласи дека станува збор за сложен предмет кој бара координација меѓу институциите во неколку држави.

„Таа истрага ќе трае долго, прво е комплексен предметот, има еден дел кој се работи на територијата на нашата држава, дел се работи во Србија, па дури има дел во кој се вклучени истражните органи и од Албанија. Тимовите од сите три држави разменуваат податоци и докази“, вели Савески.

Случајот излезе во јавноста откако во Србија беа откриени пет тони марихуана кои нелегално биле пренесени од Македонија. Потоа следуваа акции на повеќе локации во земјава, при што беа запленети уште неколку десетици тони канабис.