Случајот со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски добива ново судско продолжение. Апелациониот суд во Скопје ја укина ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, и наложи против него повторно да се води постапка. Во исто време, потврдени се доживотните затворски казни за Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев.

Одлуката била донесена на 10 јули, по јавната седница одржана во мај, на која судиите ги разгледувале жалбите на обвинетите, доказниот материјал и ставот на Вишото јавно обвинителство во Скопје. Со одлуката на Апелација, пресудите за четворицата обвинети стануваат правосилни.

Тие беа прогласени за виновни за грабнувањето и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Судот оцени дека нема основа за укинување или преиначување на изречените доживотни затворски казни.

Најголемата промена во второстепената одлука се однесува на Александар Ѓорчевски. Тој во првостепената постапка беше ослободен од обвинението дека на сторителите им давал информации за движењето на својата ќерка, вклучително и за времето кога таа излегувала од дома за на училиште.

Ѓорчевски во текот на судењето ги негираше обвинувањата и тврдеше дека на ниту еден начин не им помогнал на обвинетите. Сепак, Апелациониот суд ја укина ослободителната пресуда и предметот го врати на повторно разгледување пред Основниот кривичен суд во Скопје.

Од Апелација информираат дека писмената пресуда сè уште се изработува поради сложеноста на предметот и обемниот доказен материјал. Целосното образложение дополнително ќе биде објавено на интернет-страницата на судот.

По потврдувањето на пресудите, Палевски, Манев, Видевски и Кешишев се очекува да бидат префрлени од притворското одделение во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари во КПД „Идризово“, каде што ќе ги издржуваат доживотните затворски казни.

Според обвинението, грабнувањето на Вања било организирано со цел да се изнудат пари од член на нејзиното семејство. Панче Жежовски, пак, бил киднапиран за да му биде одземено возилото „ситроен“, кое подоцна било искористено при грабнувањето на девојчето.

Жежовски исчезна на 24 ноември 2023 година, а Вања три дена подоцна, на 27 ноември. Нивните тела беа пронајдени на 3 декември во околината на Велес и Скопје, по што случајот предизвика силни реакции и вознемиреност во јавноста.