Влегуваме во енергетска криза. Двојно повеќе трошиме електрична енергија, отколку што произведуваме. За дневните потреби без најава земаме струја од европската мрежа. За ваквиот ненајавен упад во европската мрежа МЕПСО досега добила четири предупредувања од центарот во Швајцарија. Досега за само еден месец веќе должиме околу 15 милиони евра, велат одговорните од МЕПСО и додаваат дека рестрикциите ќе бидат неопходни, а и зголемувањето на цената на струјата.
Директорот на МЕПСО објаснува дека во такви случаи се презема енергија од европската мрежа и досега земјава тоа го направила четири пати без најава и добила четири предупредувања од Центарт во Швајцарија каде што се прават пресметките.
Македонија е во лоша енергетска ситуација и ги трпи последиците од проблемите на меѓународниот пазар. Владата одлучи да набави јаглен за РЕК Битола и за ТЕЦ Неготино, но тендерот за најголемиот производител во државата, РЕК Битола пропадна.
Сања Божиновска енергетски експерт за Фактор изјави дека состојбата со термо блоковите во РЕК е катастрофална.
„Блокот 3 е надвор од функција. Блокот 2 нема јаглен за работа и работи со максимална потрошувачка на мазут и малку јаглен со половина моќност на граница на технички минимум. Блок 1 е исклучен од погон поради тоа што нема јаглен и енормна потрошувачка на мазут со максимум од сите осум мазутни бренери и така се трошат 16 тони мазут на час и оптеретување од 120 MW. На 11 октомври е исклучен од погон затоа што технолошкиот процес не дозволува таков режим на работа. Термо блоковите не се квалитетно ремонтирани, котлите не се довршија со модернизацијата, десулфуризацијата не е направена, ниту еден проект за подобрување и одржување на опремата и заштита на животната средина не се реализира. Состојба вообичаена во последните 5 години, каде што имаме повеќе хавариски ситуации, отколку нормален производствен процес“, рече таа.