Демократска Република Конго регистрираше 246 сомнителни случаи на ебола и 80 смртни случаи за кои се верува дека се предизвикани од сојот бундибугио, варијанта на вирусот што се смета за многу смртоносна и за која нема вакцина ниту специфичен третман.

„Со овој сој, стапката на смртност е многу висока, може да достигне 50 проценти. Не постои вакцина ниту специфичен третман за сојот бундибугио“, изјави министерот за здравство на Демократска Република Конго, Самуел-Роџер Камба.

Еболата е тешка и често фатална вирусна болест што предизвикува висока температура, крварење, силна слабост и откажување на органите. ДР Конго ја доживеа последната епидемија на ебола помеѓу август и декември 2024 година, кога животот го загубија најмалку 34 лица во централниот дел од земјата.

Најсмртоносната епидемија во оваа централноафриканска држава со повеќе од 100 милиони жители беше регистрирана меѓу 2018 и 2020 година, кога починаа речиси 2.300 лица од околу 3.500 заразени.

Ова е 17-та епидемија на ебола во ДР Конго откако болеста првпат беше идентификувана во 1976 година во тогашен Заир. Болеста и понатаму претставува сериозна закана во Африка, иако за одредени соеви во последните години се развиени вакцини и третмани.