Критични точки низ градот

Првиот снег сезонава предизвика сериозни сообраќајни проблеми во Скопје, при што голем број улици утрово беа непроодни или тешко проодни, реагираат граѓаните преку социјалните мрежи. Како најкритични се посочуваат мостот Маџари кон Ченто и надвозникот од населбата Даме Груев кон Ѓорче Петров, каде возилата со часови стојат во место поради замрзнати коловози. Сепак, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информираше дека службите се на терен и дека „снегот не може да биде изненадување во јануари“.

Гужви во општините и на главните излези

Сериозни застои се пријавуваат и во Илинден, каде излезот кон автопатот е речиси невозможен поради лизгави коловози и блокирани возила. Слична состојба има и во Драчево и Пинтија, со долги колони и бавен сообраќај. Дополнително, граѓаните пријавуваат застој на Булеварот Илинденска, на потегот од Прокредит банка до Воената болница, како и долги колони од Лисиче, кај ФФМ, до Железничката станица.

Апели за интервенција во јавниот превоз

Проблеми се евидентирани и во јавниот превоз. Граѓанин преку социјалните мрежи сведочи дека на линијата 7 на Трета македонска чекале околу 200 луѓе повеќе од еден час, по што бил принуден пеш да се упати кон Железничката станица. Во Долно Лисиче, пак, камион е заглавен на мостот кај крстосницата, поради што сообраќајот се одвива по една лента кон Скопје.

Граѓаните апелираат до надлежните служби за побрза интервенција, чистење и посипување на улиците, особено на мостовите и надвозниците, посочувајќи дека поради снежните услови доцнат на работните места. Во меѓувреме, возачите се повикуваат на зголемена внимателност, користење зимска опрема и одложување на патувањата доколку тоа е можно.