Маж од Битола е осомничен дека брутално ја нападнал својата девојка во нејзиниот дом, давејќи ја и удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. Против него Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка за телесна повреда.
Според информациите од Обвинителството, насилството се случило на 10 ноември, по претходна расправија меѓу партнерите. Осомничениот физички ја нападнал девојката, при што ја давел и ѝ нанесувал удари по главата и телото.
Јавниот обвинител до Судот доставил предлог за определување мерка притвор, посочувајќи дека постои ризик осомничениот да го избегнува кривичниот прогон.
Како особено загрижувачка околност е наведено дека тој, откако дознал дека е пријавен, избегал од полициска станица.
Според Обвинителството, ваквото однесување укажува на опасност од негово бегство и можност да се попречи непреченото водење на кривичната постапка.
Против него се води постапка за кривично дело „Телесна повреда“ од член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
