Стратегијата, се вели во соопштението од Министерството, е усогласена со основните стратешки цели на Регионалната политика на ЕУ, како клучна инвестициска политика за одржлив и инклузивен економски раст и има за цел намалување на економските, социјални итериторијални диспаритети помеѓу регионите на ЕУ низ поддршка за создавање работни места, конкурентност, подобрен квалитет на животот и одржлив развој.
– Овој долгорочен плански документ е важен за сите нас поточно за рамномерен и одржлив развој на целата територија на Република Северна Македонија, заснован врз моделот на полицентричен развој, подигнување на квалитетот на животот на сите граѓани, зголемување на конкурентноста на планските региони преку јакнење на нивниот иновациски капацитет, ревитализација на селата и развој на подрачјата со специфични развојни потреби и поддршка на меѓуопштинската и прекуграничната соработка на единиците на локалната самоуправа во функција на поттикнување рамномерен регионален развој, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски, стои во соопштението од МЛС.
Тој појасни дека Законот предвидува програмирање, партнерство, кофинансирање, транспарентност и одржливост начела преку кои концизно и јасно ќе се утврдат креирањето на локалните политики како на граѓаните, бизнис секторот и на државните и приватните институции. Само преку конкретни стратегии ние може да создаваме европски вредности во државава и затоа како Министерство за локална самоуправа со оваа Стратегија даваме придонес кон процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.
При подготовка на Стратегијата, во соопштението се вели, дека особено внимание било посветено на обезбедување кохерентност на целите, приоритетите и мерките со начелата и приоритетите на „Европскиот Зелен Договор“ и на Зелената Агенда за Западен Балкан, чија стратешка цел е да ја направи економијата на ЕУ и на Западен Балкан одржлива преку трансформација на климатските и еколошки предизвици во можности, и праведна транзиција со вклученост на сите.
– Во подготовката на Стратегијата беа вклучени голем број на експерти. Претходеше процес на оценка на имплементацијата на претходниот стратешки документ. Мораме да спроведуваме реални мерки и активности врз основа на реални податоци и аргументи. На државата и е потребен подинамичен развој, но и порамномерен развој за да може секој граѓанин добро да живее во сопствената средина, да има вработување, пристојна егзистенција и пристап до квалитетни услуги. Создадена е институционална и нормативна инфраструктура, Центрите за развој имаат искуство, со средства од Буџетот и со поддршка од швајцарската влада реализираме проекти кои што прават реални промени и ги подобруваат условите за живеење, додаде Милевски.
Во наредниот период, се наведува во соопштението, со координација на централната и локалната власт и со вклученост на граѓанскиот и на бизнис секторот, со голема посветеност на сите засегнати страни, предизвикот што побрзо да се приближуваме до визијата која што е дефинирана во Стратегијата: Да се надминат воочените диспаритети и планските региони да прераснат во функционално – територијални единици во кои се генерира стабилен економски раст, се обезбедуваат квалитетни социјални и други јавни услуги штитејќи ја животната средина и природата и придонесувајќи на тој начин за зголемување на нивната атрактивност, задржување на населението и одржлив развој преку паметна специјализација и искористување на конкурентските предности.