Комисијата за финансирање и буџет ја продолжува расправата за ребалансот
Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ја продолжува расправата по Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2026 година, во второ читање, за кој се поднесени над 200 амандмани.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на првиот ден од расправата изјави:
„Ребалансот на буџетот за 2026 година не произлегува од недостигот на приходи или од нарушена ликвидност на буџетот, туку е резултат на потребата да се усогласат буџетските проекции со новите економски услови, да се обезбедат дополнителни средства за законските обврски што значат редовна исплата на платите во секторите во кои е обезбеден раст, повеќе средства за дополнителна поддршка за земјоделството, социјалната заштита и за општините, како и дополнителни средства за забрзување на инвестицискиот циклус.“
Таа додаде дека ребалансот е насочен кон прилагодување на економските движења и развојните потреби на државата.
Приходи, расходи и капитални инвестиции
Според предложените измени, вкупните приходи се ревидираат на 379,5 милијарди денари. Даночните приходи остануваат речиси на првично планираното ниво и се проектирани на 213,2 милијарди денари, додека неданочните приходи бележат зголемување од околу две милијарди денари. Донациите се зголемуваат за околу 2,7 милијарди денари.
Вкупните расходи се ревидираат на 425,8 милијарди денари, при што се обезбедуваат дополнителни средства за земјоделските субвенции, поддршка на железничкиот сообраќај, спортот и студентскиот и ученичкиот стандард.
Расходите за стоки и услуги се намалуваат за околу 837 милиони денари преку прераспределба на средствата кон приоритетни потреби, додека капиталните инвестиции достигнуваат речиси 46 милијарди денари, што претставува зголемување од околу 5,8 милијарди денари или 14,5 проценти.
Министерката истакна:
„Првпат корекцијата на дефицитот е резултат, пред сè, на повисоките капитални расходи и инвестициите во инфраструктурата, со што буџетскиот дефицит се ревидира на 46,3 милијарди денари или на 4,1 проценти од БДП.“
Расправата за ребалансот на Буџетот во матичната собраниска Комисија трае 10 дена.
