Во Собранието денеска продолжение на 84. седница. Пред пратениците се Предлог законот за дополнување на Законот за здравствената заштита, по скратена постапка и Предлог законот за ратификација на Дополнителниот протокол кон Конвенцијата за Договорот за меѓународен патен превоз на стоки (CMR) за електронски товарен лист, усвоен во Женева на 20-ти февруари 2008 година.
Со решенијата предвидени во Предлог-законот за здравствената заштита ќе се овозможи ефикасна примена на начелата на потребата од стручност и компетентност за работните позиции за кои кандидатот конкурирал. Со предложеното решение ќе се овозможи избор на најдобриот кандидат за вработување во здравствените установи, а со тоа ќе се врати довербата во здравствените институции и ќе се дестимулира одливот на дефицитарен медицински кадар од државата.
Дополнителниот протокол кон Конвенцијата за Договорот за меѓународен патен превоз на стоки усвоен во 2008 година, пак, предвидува дигитализирање на транспортните активности преку електронска документација, како и електронска размена на регулаторните информации меѓу транспортните оператори-бизнисот и надлежните државни органи. Ова е познато како „електронски товарен лист“ или „eCMR“.
