Нова декларација во однос на Македонија ќе се најде пред бугарските пратеници. Таа веќе беше едногласно усвоена во тамошната Комисија за надворешна политика. Во неа се осудуваат, како што пишува, повиците за насилство над Бугарите во земјава, но и тешкиот напад над Христијан Пендиков.
„Цврсто настојуваме да бидат преземени системски мерки од сите институции за откривање на сторителите и тие да одговараат за стореното“, се вели во предлог Декларација на бугарското Собрание.
Во Декларацијата се додава дека Скопје не ги исполнува Договорот за добрососедство и протоколите кои произлегуваат од него, а се осудува и – како што се наведува – говорот на омраза во општеството и медиумите во Македонија. Внимание се посветува и на уставните измени.
„Изразуваме загриженост, дека антибугарската кампања која ескалира во Република Северна Македонија се заканува на внесувањето на Бугарите во Уставот на земјата, развојот на демократските процеси и институции во Северна Македонија и нејзиниот пат за членство во Европската унија“, се вели во предлог Декларација на бугарското Собрание.
Според Декларацијата, во Македонија не се презема одговорност за „постоечкиот проблем со правата и безбедноста на Бугарите“ во земјава. Инаку, Скопје и Софија продолжуваат да немаат заеднички јазик. Последно, бугарскиот претседател Румен Радев кажа дека случајот со Пендиков се должи на системска дискриминација кон Бугарите во Македонија, додека пак домашните власти велат дека таква дискриминација не постои. Претседателот Стево Пендаровски, кажа дека случајот во Охрид веднаш бил осуден од институциите, но оти одредени политички субјекти во Бугарија го политизираат.