Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по наместа влажни коловози, со умерен интензитет на патните правци надвор од градските средини. Снег со слаб интензитет врне во Ѓавато, Крива Паланка и Попова Шапка.
На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Поради свлечиште и голем одрон на патниот правец А2 Свети Николе – Миладиновци на 10 километри пред Миладиновци, сообраќајот е пренасочен само на една коловозна лента во должина од 150 метри. На самото место е поставена соодветна сообраќајна сигнализација. На учесниците во сообраќајот им препорачуваме внимателно возење.
Од 15 ноември 2021 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март 2022 година.