Во Украина, 755 ден од воената агресија, сè повеќе раселени, руската војска гранатира села во доњецката област. Од службите на федералната безбедност, Путин побара елиминација на странските платеници.

Во американската база во Рамштајн, Германија, американскиот министер за одбрана Остин ги собра министрите за одбрана на 50-те земји-членки на контакт групата за Украина. Состанокот е свикан за да се спречи успехот на Путин во земјата, рече шефот на Пентагон. Побара обединетост во поддршката. Берлин со седум милијарди евра и годинава ја продолжува помошта на Украина.

„Ќе нè има помалку доколку Путин успее. Во светот ќе владеат беззаконие и насилство на диктаторите. Затоа војната на Украинците е една од главните цели на нашето време. Тие немаат време, ние исто така. затоа и контакт групата за Украина треба да ги забрза работите за поддршката, поради заедничката долгорочна безбедност“, изјави Лојд Остин-државен секретар за одбрана на САД.

„И Норвешка сега е дел од коалицијата за поддршка, ние сме водечките земји за воздушната одбрана заедно со Франција. Во овој дел членуваат петнаесет земји“, изјави Борис Писториус-министер за одбрана на Германија.

Состојбата во Украина никогаш не била потешка, предупреди францускиот претседател Макрон поради забрзаното развивање на руската воена технологија.

„Русија се организираше, има мобилизирано повеќе војска отколку што сме мислеле и повеќе инвестираше во воената индустрија. Годинава над глава ни висат и повеќе геополитички неизвесности. Затоа Русија не смее да победи“, изјави Емануел Макрон-претседател на Франција.

Киев неколку месеци ја очекува воената помош ветена од запад, во меѓувреме со дронови напаѓа во пограничните места. Рускиот претседател побара од федералната служба за безбедност да ги елиминира лансираните места контролирани од странските платеници.

„Не заборавајте, идентификувајте ги според имињата. Ќе ги казниме овие предавници без законски ограничувања, каде и да се. Да ги нема и да не се повторат“, изјави Владимир Путин-претседател на руската федерација.

Во завојуваните подрачја сè повеќе раселени. Во неколку села во Доњецк, жителите ги напуштија огништата поради постојаното бомбардирање.

Извор: МРТ