Владата е подготвена да воведе ограничувања при точење гориво доколку се зголеми притисокот врз домашниот пазар, најави премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека засега нема потреба од рестрикции.

„Во овој момент не гледаме причина да го ограничиме точењето гориво, но доколку дојде до таков предизвик, ќе донесеме одлука со која ќе се ограничи конзумот и износот“, изјави Мицкоски.

Според него, снабдувањето во моментов е стабилно и има доволни резерви, но зголемената потрошувачка од странски државјани веќе создава дополнителен притисок. Дневно, како што информираше, се трошат до 150.000 литри гориво од странски возачи, што претставува околу 10 проценти од вкупната потрошувачка.

Владата веќе интервенираше со намалување на ДДВ за горивата со цел да се ублажи растот на цените, а премиерот најави дека на располагање се и други механизми, како ограничување на продажбата, контрола на маржите и дополнителни мерки кон трговците.

Во однос на резервите, посочи дека снабдувачите располагаат со количини над законскиот минимум, додека државните резерви се доволни за повеќе од 60 дена, што засега исклучува ризик од недостиг.

Сепак, Владата ја следи состојбата на светските пазари и геополитичките случувања, особено на Блискиот Исток, кои може да влијаат врз цените и снабдувањето.

„Состојбата е стабилна, но ризиците постојат и ние сме тука да ги пресретнеме навреме“, порача Мицкоски.