Владата го заврши својот дел во врска со случајот на поранешниот вицепремиер Артан Груби, изјавија од Владата, додавајќи дека сега останува на МВР и другите надлежни институции да го разрешат случајот.
Тие не сакаа да ги коментираат сознанијата дека Груби повеќе не е во Косово, туку дека се наоѓа во Албанија.
Министерот за внатрешни работи Александар Тошковски изјави дека против Груби е распишана меѓународна потерница, а МВР работи на целосно расчистување на случајот во соработка со Јавното обвинителство.
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ го дозволи криминалот на Артан Груби
Од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија опозициската СДСМ дека знаеле за криминалните активности на Груби додека биле на власт, но не презеле ништо за да ја задржат коалицијата со ДУИ.
-
„СДС го одмолчеа и дозволија криминалот на Груби, за истиот да не се налути и ДУИ да им излезе од коалиција. СДС и Филипче треба да излезат пред граѓаните и да се извинат за Груби,“ изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
СДСМ: Пропусти на граничниот премин Блаце
Од СДСМ, пак, го обвинија ВМРО-ДПМНЕ дека во договор со ДУИ му овозможиле на Груби да ја напушти државата.
Поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, во гостувањето на поткастот „На кавга со Иван“, истакна дека на преминот Блаце имало низа пропусти кои овозможиле излегување на Груби од државата.
-
„Факт е дека Груби излегол на граничниот премин, пропуштен од полициски службеник. Дали е тоа направено намерно или не, треба да се утврди. Но, јас тврдам дека батериите не се виновни, бидејќи системот за гранична контрола не функционира на батерии, туку е поврзан на електрично напојување со агрегати,“ изјави Спасовски.
Каде е Груби сега?
Премиерот Христијан Мицкоски и министерот Тошковски не сакаа да шпекулираат за моменталната локација на Груби.
-
„Најважно е што е распишана меѓународна потерница и се преземаат сите неопходни мерки за негово приведување,“ изјави Тошковски.