Советникот на државниот секретар на САД Дерек Шоле ќе ја посети Северна Македонија на 14 декември за да разговара со владини претставници за низа прашања, вклучително и за енергетиката, економијата и борбата против корупцијата, соопшти Стејт департментот.
Покрај во Скопје, Шоле од 11 до 1 7 декември ќе ги посети и Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Белгија, пренесува Гласот на Америка.
– Оваа посета ја нагласува трајната посветеност на САД за мирот, стабилноста и просперитетот на регионот, наведуваат од Стејт департментот.
Серијата посети, Шоле ќе ја заврши во Брисел на 16 до 17 декември со цел да разговара за соработката со европските партнери и сојузници за низа глобални прашања, вклучително и за континуирана поддршка за Украина, пристапот во ЕУ и европската интеграција на земјите од Западен Балкан, како и за енергетската безбедност и дијалогот меѓу Косово и Србија.