Советот на Народна банка на последната седница ја донесе Програмата за истражувачка активност за периодот 2023 ‒ 2025 година и ја усвои Годишната информација за плаќања за 2021 година.
– Истражувачката активност на Народната банка во следниот тригодишен период ќе биде насочена кон области коишто се од значење за остварувањето на нејзините основни цели, особено областите како монетарната политика, интеракцијата меѓу основните макроекономски сектори, макроекономското моделирање, финансиската стабилност, макропрудентната политика и банкарскиот систем, информираа денеска од Народната банка.
За првпат се предвидуваат истражувања во доменот на финансиската инклузија, дигитализацијата и влијанието на климатските промени.
Во однос на Годишната информација за плаќањата, Советот заклучи дека промените на навиките на граѓаните и компаниите, и натаму се видливи преку зголеменото користење на платежните картички и дигиталните канали за извршување на плаќањата. Статистиката покажува дека бројот на плаќања преку платежните сметки на корисниците на платежни услуги во државава во текот на 2021 година изнесувал 176 милиони, што е повеќе за 26,7 проценти од бројот на плаќањата во 2020 година.
– Воедно, во 2021 година е забележан висок годишен раст од 29,1 проценти на бројот на трансакциите со платежни картички, што придонесе за зголемување на нивното учество од 1,1 п.п. во вкупниот број плаќања, коешто достигна 58,1 проценти. Истовремено, кредитните трансфери иницирани електронски забележаа годишен раст од 32,5 проценти, што придонесе за умерено зголемување на нивното учество (23,2 проценти) во вкупниот број плаќања, за сметка на намалувањето на учеството на кредитните трансфери иницирани на хартија, коишто учествуваат со 18,7 проценти во вкупниот број безготовински трансакции, се наведува во соопштението.
Од аспект на инфраструктурата на плаќањата, како што информираат од централната банка, бројот на платежни картички на крајот од 2021 година изнесувал 2,1 милион, при што картичките засновани на бесконтактна технологија што овозможуваат извршување брзи и ефикасни плаќања преовладувале во вкупниот број платежни картички (68,3 проценти). Растот на бројот на контактно-бесконтакните картички бил проследен со истовремен раст на бројот на уредите за извршување бесконтактни плаќања, на уредите на физичките места на продажба коишто поддржуваат бесконтактни плаќања, раст на бројот на банкоматите со функција за депонирање готовина, како и на уредите за електронски трансфер на средства на физичките и виртуелните места на продажба.