Координирана стратегија на ДУИ, Левица и Арсовска со цел дестабилизација и прикривање на неуспеси, тврди Вреди
Коалицијата Вреди обвинува за координирана стратегија на ДУИ, Левица и Арсовска насочена кон создавање вештачки меѓуетнички тензии, со цел пренасочување на вниманието од, како што велат, политичките неуспеси и корупцијата на партиите во опозиција.
Во соопштението се наведува дека овие обиди имаат за цел да создадат алиби преку провоцирање тензии, користејќи инсценирани настани и контролирана медиумска кампања.
„Вчерашниот случај со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, кој го осудивме веднаш, претставува чист пример на инсценирање на меѓуетнички тензии, со валкана реторика за создавање вештачки меѓуетнички конфликт. Исто така, физичкиот инцидент меѓу неколку млади лица во Тетово, кој беше искористен од портали блиски до ДУИ и до Левица, со цел поттикнување поделби и страв. Додека граѓаните бараат стабилност, на една фотографија што кружи во јавноста се гледа пратеникот на ДУИ, Муса Џафери, како седи на маса со пратеникот на Левица, претставник на најантиалбанската, проруска и дестабилизирачка партија во државата. Кои планови биле дискутирани на таа средба? Кој ја наредил и со каква цел?“, се вели во соопштението.
Функционер на ДУИ под истрага – нов елемент во серијата инциденти
Вреди наведува дека сето ова се случува во поширок контекст на инциденти, каде, според нив, постои организиран обид за создавање хаос и политичка дестабилизација. Во таа насока го посочуваат случајот со функционер на ДУИ од Шуто Оризари.
„Во домот на функционерот биле пронајдени запаливи материи и сериозни докази што предизвикуваат сомнежи за саботажни дејствија со тешки последици за жителите“, се наведува во соопштението.
Повик до меѓународните партнери да не молчат пред стратегијата на дестабилизација
Коалицијата Вреди испраќа повик до меѓународните организации, амбасадите и стратешките партнери на Македонија, внимателно да ја следат ситуацијата и да реагираат.
„Вреди упатува силен повик до меѓународниот фактор, амбасадите и до меѓународните организации, внимателно да ја следат оваа штетна стратегија, да ги истражат сите случаи и да не дозволат криминалците и поттикнувачите на омраза да се кријат зад политички знамиња“, пишува во реакцијата.
Во заклучокот, Вреди порачува дека нема да дозволи политички структури да манипулираат со етничката припадност на граѓаните за личен и партиски интерес.
„Ние нема да дозволиме криминалните интереси на ДУИ да ги користат Албанците како штит, за да ги спасат нивните кариери и нивната корупција. Вреди секогаш ќе стои на страната на граѓаните, правдата и стабилноста!“, се вели во завршниот дел од соопштението.