Македонското Министерство за надворешни работи изминатиот викенд потвди дека дипломат е приведен во Србија на 27 август годинава. За апсењето, МНР е официјално известено од српското Министерство преку Амбасадата на Македонија во Белград.

– Меѓународната потерница е распишана од Ерменија на 25 февруари 2020 година. Во тој момент јас сум претседател на Владата, а министер за внатрешни работи беше господинот Наќе Чулев. Што во тој момент е направено – дали е известено МНР, или не е известено, јас немам детални информации. Сега кога се случи овој настан, ние сме информирани преку нашиот сектор за меѓународна соработка за тоа што се случило и информациите сме ги пренеле до МНР, одговори Спасовски на новинарско прашање.

Спасовски додаде дека истрагата се водела во Ерменија, а не во Македонија и дека меѓународната потерница била прикачена во МВР веднаш по барањето од Интерпол.