Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи, на САД му честиташе Денот на независноста, а меѓудругото во пораката нагласи дека со помош на сојузникот било вратено демократското владеење во Македонија.
-Граѓаните на Република Северна Македонија не забораваат дека сте биле со нас и кога сме се соочувале со предизвици и кога сме постигнувале успеси, дека благодарение на вашата несебична поддршка успеавме да ја вратиме демократијата во нашата држава, да тргнеме во вистинската насока и во остварување на нашите стратешки цели – да станеме полноправна членка на НАТО, да продолжиме по зацртаниот пат кон Европската Унија, да изградиме стабилна и безбедна демократска држава, со подобрен меѓународен углед и поголеми слободи и права за граѓаните, за што од срце ви благодариме.
Силно верувам дека и во претстојниот исклучително важен период за нашата држава таа ваша поддршка во остварување на нашите стратешки цели ќе продолжи и ќе обезбедиме уште посилна динамика на развој на нашите меѓусебни односи, ќе ја продлабочуваме соработката во сите области од заемен интерес и заеднички ќе придонесуваме за просперитет на регионот, но и воопшто, во глобални рамки, како партнери и сојузници во НАТО.
Нека ви е честит 4 јули – Денот на независноста!“, се вели меѓудругото во честитката на Спасовски.