Социјалистичката партија на Македонија без особено изненадување го следи медиумскиот притисок што власта го прави за наводниот почеток на процедурата за промени на македонскиот Устав.

Секојдневно нелегитиминиот премиер и неговите министри Маричиќ, Османи, Груби и други постојано кажуваат смешни приказни колку е убаво да се смени Уставот и дека од тоа зависи иднината на државата.

Тие безочно лажат дека сè ќе зависи од таа промена. Тие се под стрес, но и од лукративни причини настојуваат прифатените бугарските уцени да ги преточат во уставни промени.

Најавата за уставни промени што мнозинството граѓани не ги прифаќаат е доказ за отуѓеноста на власта која не ги слуша ниту почитува граѓаните.

Социјалистичката партија на Македонија укажува дека наводно започнатите лобирања, уцени, условивања, закани или секакви ветувања кај пратениците кои се против овие измени се веќе видена работа и тоа овој пат на оваа безумна антидемократска и антимакедонска клика нема да и се дозволи.

Затоа што зад опозициските пратеници од Коалицијата “Обнова на Македонија” цврсто стои македонскиот народ и граѓаните.

Социјалистичката партија на Македонија им порачува на лобистите од надвор, како и на власта, да се воздражат од недостојни и провидни паради и манифестации на убедувања со уцени во Македонија. Веќе се прочитани и не може да се повтори донесување на одлуки со кои се губи македонскиот идентитет и достоинство.

Власта како и надворешните претставниците мора да ги почитуваат критериумите од Копенхаген за прием каде не е предвидена измена на уставот за да се задоволат барањата на бугарите и нивните поддржувачи.

Социјалистичката партија на Македонија истакнува дека власта мора да бара измени на срамниот Договор за добрососедство со Бугарија, особено бришење вториот Протокол и измена на Преговарачката рамка за преговори со оглед дека се срамни и понижувачки за секоја држава.

Доколку власта не е подготвена за тоа мора да си оди и да се спроведат итни и неодложни избори со кои ќе се формира власт што ќе работи во интерес на државата и граѓаните.