Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика европските земји значително да ги зголемат годишните воени трошоци, на повеќе од 3 отсто од БДП. Оваа порака тој ја испрати по итниот состанок за Украина, кој се одржа во Лондон. Оваа тема детално ја анализира Експрес. Со ваквиот план Македонија би требала да троши 540 милиони евра на одбрана.
Што значи планот Макрон?
Ако ова барање на Макрон стане обврзно за сите членки на НАТО и за земјите кандидати за ЕУ Македонија идната година ќе треба да издвои околу 540 милиони долари или околу 515 милиони евра според сегашниот сооднос меѓу доларот и еврото.
Во моментов Македонија според изјава на министерот за одбрана Владо Мисајловски од декември буџетот за одбраната за 2025 е 329 милиони евра, од кои 106 милиони се наменети за модернизација и опремување на армијата.
Колку ќе треба да троши Македонија во 2025 и 2026 година?
Според проценките на меѓународните и домашните финансиски институции македонскиот БДП за 2025 година бил 17,09 а за 2026 се предвидуваат 18,2 милијарди долари.
Дополнителната огромна сума од 184 милиони евра која се добива како разлика од 515 милиони евра предвидени за 2026 и 329 милиони предвидени за оваа година која што Македонија треба да ја издвои за одбрана се добива и како резултат на барањето на Макрон но и поради растот на БДП за 2026 година.
Објективно доколку Макрон и водечките членки на ЕУ инсистираат на 3 проценти од Бруто домашниот производ да одат за одбрана тогаш Македонија ќе има сериозни финансиски и политички предизвици да ја убеди јавноста во исправноста на овој чекор.
Како и во другите земји-членки на НАТО и ЕУ јавноста нема лесно да прифати владата да штеди на социјални и други трошоци за сама да се вооружува или да ја помогне Украина директно или индиректно.
Македонската одбрана ќе треба да издвојува повеќе за одбрана!?
Доколу Макрон инсистира на максималните 3,5 проценти за одбрана како што спомнува во интервјуто на оваа тема тогаш за Македонија тоа ќе значи речиси 600 милиони евра за одбрана за 2026 година според сегашните проценки.

Реакции
Вчера бугарскиот екс премиер Борисов кој е најмоќна политичка фигура во земјата побара трошоците за одбрана да не се ставаат во финансиската рамка на земјите членки на ЕУ затоа што така ќе го прекршат правилото за максимален буџетски дефицит.
Додека балтичките земји веќе некое време бараат воените инвестиции да се зголемат на најмалку 3 отсто од БДП, а актуелниот американски претседател Доналд Трамп бара до 5 отсто, Макрон сега за првпат конкретно изјави колку Европа треба да одвои според него.
„Русите трошат 10 отсто од својот БДП за одбрана во последните три години. Мораме да се подготвиме за она што доаѓа, а нашата цел треба да биде меѓу 3 и 3,5 отсто од БДП“, рече Макрон во интервју за францускиот весник „Фигаро“. Франција моментално троши 2,1 отсто од својот БДП за одбрана, што е нешто над целта на НАТО од 2 отсто, која Париз ја постигна дури минатата година.
Европа, пак, се обидува да договори заеднички одговор на новата американска политика кон Украина. Вашингтон се повеќе и врти грб на Европа и бара договор со Русија, а стравувајќи за иднината на НАТО, европските земји сакаат да ги зајакнат сопствените воени капацитети и да покажат подготвеност да ги споделат трошоците во алијансата за да ја задржат американската поддршка.
Европскиот совет во четврток одржува специјален самит за одбраната и Украина, а лидерите се очекува да разговараат за начините за финансирање на поголеми воени инвестиции.