На 10 јули 2025 година, околу 15:30 часот, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, за време на патролирање на патот меѓу Кадино и Миладиновци, забележале густ црн чад.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, полициските службеници веднаш интервенирале на локацијата, каде што биле затекнати две лица кои палеле кабли во близина на сува трева и отпад, на простор што се користи како дива депонија.
– Со брза реакција пожарот е спречен да се прошири и е изгаснат – информира МВР.
По преземените мерки, било утврдено дека се работи за лицата И.Б. (39) од Куманово и А.Б. (31), чии идентитети се потврдени на лице место.
Двајцата се лишени од слобода и спроведени во Полициската станица Гази Баба, а за случајот е известен јавен обвинител, со цел да се подготви соодветна кривична пријава, соопштува Министерството.