Бугарија му забранила влез во земјата на адвокатот Тони Менкиноски до 2036 година, а во официјалниот документ што го добил било наведено дека наводно претставува закана за националната безбедност на Република Бугарија.

Менкиноски на денешната прес-конференција изрази сомневање дека ваквата мерка е поврзана со неговата работа како адвокат кој ги застапува Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Тој посочи дека обвинението е сериозно, но дека е донесено без конкретно образложение и без претходна правна постапка. Забраната, како што рече, му била врачена на 6 март на влез во Бугарија.

– При преминување на границата луѓето кои работеа таму не можеа никако да го поминат мојот пасош. Ме замолија да ја тргнам мојата кола на страна и притоа ми кажаа дека од Софија добиле известување со кое мора да ме задржат бидејќи треба да добијат некои документи. После половина час чекање на граница ми ги доставија овие документи, ми удрија црн печат на пасошот – вели адвокатот Менкиноски.

Според него, ваквата одлука претставува срам не само за Бугарија, туку и за Европската Унија, бидејќи, како што рече, со неа се врши притисок врз адвокатите и се нарушува независноста на адвокатската професија.

Тој нагласи дека наместо да ги спроведе одлуките на Европскиот суд за човекови права, Бугарија презема мерки кои може да се толкуваат како притисок врз адвокатите.

– Бугарија мора да ги имплементира сите 14 пресуди, односно да го признае правото на Македонците да имаат свои клубови, своја политичка партија и свое идентификување. Сега ова е израз на немоќ сакајќи преку мене да покажат сила со тоа што не се дозволува влез на адвокатот кој ги застапува пред Европскиот суд за човекови права – истакна Менкиноски.

Тој најави дека ќе ги искористи сите правни и институционални механизми за да ја оспори одлуката. Случајот, како што рече, ќе биде доставен до Комесарот за човекови права, Европскиот парламент, ОБСЕ и Обединетите нации, како и до меѓународни организации кои ја следат состојбата со човековите права и независноста на адвокатската професија.

За случајот новинарите побараа став и од премиерот Христијан Мицкоски.

– Немам информација дали тоа е точно и кои се причините ако е тоа точно. Но доколку е точно тоа е уште еден срам за демократијата кај нашиот источен сосед. Но, тоа е поголем срам за сите оние кои не веруваат во вистинските намери на политичарите од нашиот источен сосед. Јас навистина би се чувствувал засрамено да бев човек кој седи на иста маса и треба да споделува исти вредности со политичарите на нашиот источен сосед. Тука, пред сѐ, мислам на земјите-членки на Европската Унија, кои мислам дека треба да реагираат, доколку се потврди дека ова е точно – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по поставувањето камен темелник на универзитетскиот кампус „Мајка Тереза“.