Бојан Маричиќ е последниот во низата функционери и министри, вклучувајќи го и Ковачевски кои не ги удостојуваат Македонците од Бугарија со присуство на отворањето на македонскиот клуб. Тие одат и чекор понатака па ги навредуваат. Изјавата на Маричиќ дека отворањето на македонски клуб во Благоевград е приватен настан и немаат должност да присуствуваат на отворањето е понижувачка, срамна и недостојна, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека ова покажува дека оваа влада на СДС води поданичка и предавничка политика. Ваквата изјава на Маричиќ покажува дека освен дезертерот Ковачевски, дезертери се и сите останати министри во неговата влада.

– Притоа овој македонски клуб во Благоевград носи име на големиот писател и деец Никола Вапцаров, и во никој случај не е навредлив кон Бугарија како што се навредливи имињата Ванчо Михајлов и Цар Борис кои се користат во Македонија. Патем токму институциите на кои се повикува Маричиќ дозволија да се отворат бугарски клубови со вакви имиња во време кога Маричиќ го забрануваше името „Македонија“ за имиња на здруженија. Маричиќ, Ковачевски, Пендаровски и целиот антимакедонски СДС покажаа дека не се грижат за Македонците ниту во Македонија, ниту надвор од неа. Дома народот го пљачкаат и осиромашуваат, а надвор го игнорираат и го навредуваат. Маричиќ, Ковачевски и Пендаровски се платени да ги штитат и промовираат државните интереси, а не да ја доведуваат Македонија во подредена положба. За ова порано или покасно ќе ги стигне народната казна, се појаснува во партиското соопштение.