Народната банка е посветена на усогласувањето на домашната регулатива и на практиките во своето работење со законодавството и рамката на Европската Унија, при што од големо значење е соработката со институциите од Сојузна Република Германија. Во изминатите години се остварува плодна соработка на нашата централна банка со Централната банка на Германија (Дојче бундесбанк), преку која се обезбедува поддршка за зајакнување на институционалните капацитети преку унапредување на аналитичките алатки и политиките и преку пренесување на најдобрите меѓународни и европски стандарди во националните практики.
Според годишниот извештај на Европската комисија, Народната банка има високо ниво на усогласеност во областа на монетарната политика со европската регулатива, како и во доменот на банкарскиот систем. Но, европската регулатива постојано се унапредува и оттаму неопходно е да се држи чекор со овие регулаторни новини. На овие теми, меѓу другото, беше разговарано на средбата одржана помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерите на Народната банка, и амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер.
Европските перспективи се од големо стратегиско значење за Народната банка. Оттука, Народната банка е активно ангажирана во изработката и спроведувањето на редовните економски реформски програми и други стратегиски документи за интеграција во ЕУ. Истовремено, Народната банка постојано работи на навремено воведување на европските стандарди во доменот на финансискиот систем. Ова е препознаено од релевантните европски институции. Според нивните оцени, Народната банка има високо ниво на усогласеност во подрачјата што се во нејзина надлежност, особено во доменот на банкарскиот систем. Така, Европската комисија во 2021 година утврди дека воспоставената супервизорска и регулативна рамка за основањето и работењето на банките е во согласност со стандардите пропишани во Европската Унија. Слична е и оцената на Комитетот на експерти на Советот на Европа за спречување перење пари и финансирање тероризам („Манивал“), со која е потврдено дека системот за лиценцирање и супервизија на Народната банка ги исполнува меѓународните стандарди за борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот. Во сферата на платежните услуги, со новиот Закон за платежни услуги и платни системи се транспонираат голем број директиви и регулативи на Европската Унија со кои се создаваат услови за проширувањето на листата на даватели на платежни услуги и на сетот платежни услуги. Народната банка презеде бројни активности за создавање предуслови за спроведување на новиот закон, чијашто примена започна од почетокот на 2023 година.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска ѝ посака успех на амбасадорката Дрекслер во нејзиниот мандат, како и продолжување и надградување на веќе традиционално добрата соработка помеѓу двете земји.