Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и потпретседателката на Европската инвестициска банка Лилјана Павлова на денешната работна средба разговарале за инвестициите во железничката инфраструктура, со фокус на изградба на Коридорот 8 кон Република Бугарија.
Бочварски, како што соопшти Министерството за транспорт и врски, ги претставил инвестиционите планови за изградба на железничкиот Коридор 8, конкретно делницата Крива Паланка – Деве Баир, како еден од приоритетите на државата.
-Особено ми е драго што ја реализиравме оваа средба со Лилјана Павлова, потпретседател на Европската инвестицска банка. Министерството за транспорт и врски има тесна соработка со оваа банка во финансирање на проекти од комуналната сфера во сите општини во државата, истакнал министерот Бочварски.
Денешната средба, како што додава, била во фокус на финансирање на изградбата на третата делница од пругата Република Бугарија, на потегот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир.
-На средбата ги потенцирав националните интереси во делот на железничкото поврзување со Република Бугарија, како клучен аспект за развој на регионалното поврзување и економијата во целина. Овој проект е приоритет за Владата и верувам дека набрзо ќе ја заокружиме финансиската конструкција и ќе започнеме со изградбата на пругата. Би сакал да потенцирам дека за првата и втората фаза, од Куманово до Крива Паланка, веќе имаме обезбедено средства и очекувам набрзо да склучиме договор со изведувач, посочил министерот Бочварски.
На средбата присуствувал и директорот на ЈП ЖРСМ Инфраструктура, Хари Локвенец, кој ги презентирал развојни планови за изградба на железничката инфраструктура во Република Северна Македоинја.
На средбата, како што се наведува во соопштението, двете страни заеднички ја потврдиле активната соработка со можност да се продолжи во следниот период.