Министерот за економија Крешник Бектеши денеска оставри средба со поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан, на која разговараа за енергетската криза и мерките кои ги презема Владата за полесно справување.
Министерството за економија соопшти дека Бектеши го информираше поглаварот на МПЦ за мерките и препораките на Владата за штедење електрична енергија за институциите, домаќинствата и за бизнисот.
– Ситуацијата со енергетската криза со која се соочуваме е сериозна и апелираме до сите граѓани да придонесат секој на свој начин полесно да го пребродиме периодот што следува. За нас е важна поддршката од верските заедници во државата со цел да се подигне свеста кај граѓаните во овој тежок период што следува сите заеднички да заштедиме електрична енергија со тоа да и помогнеме на државата. Доколку има недостиг од електрична енергија, ќе треба да се купи од надвор по многу повисока цена, а тоа повторно ќе биде на трошок на сите граѓани, кажа министерот Бектеши.
Архиепископот Стефан изјави дека Црквата и досега силно апелирала до своите верници да покажат грижа за општото добро во овие тешки времиња, а на седница на Светиот архијерејски синод, која ќе се одржи следната седмица, се очекува да се состави и официјално јавно соопштение во кое сите свештени лице ќе бидат повикани на локално ниво, во своите парохии, да им укажуваат на верниците на МПЦ за насушноста од штедење за да си помогнеме себеси и на државата.
– Двајцата се согласија дека е важно во овој период сите рационално да трошат електрична енергија и упатија порака дека во оваа криза сите треба да бидеме свесни и да штедиме. Да не се троши струја непотребно, да го разбереме времето во кое живееме затоа што никој неможе да ни помогне во кризни времиња ако ние самите не си помагаме, соопшти Министерството за економија.