Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска се сретна со претседателката на Унгарија, Каталин Новак, која е во официјална посета на Република Македонија.

Претседателот Џафери изрази благодарност за поддршката што Унгарија ја дава во насока на интеграцијата на нашата земја во Европската Унија. Во контекст на билатералните односи меѓу двете земји, истакна дека се добри, но дека има простор за повеќе инвестиции и економска соработка.

Џафери информираше дека во Република Северна Македонија се одвива процесот на скрининг, а наесен се очекува да се продолжи со процесот на пристапните преговори, а во меѓувреме, да се пристапи кон уставните измени кои се неопходни за понатамошниот тек на процесот. Потврди дека и во Собранието се прават напори да се најде потребното мнозинство за тие измени.

Претседателката Новак од своја страна, ги пофали напорите на нашата земја за регионална соработка и интеграција на земјата во Европската Унија при што истакна дека Република Северна Македонија секогаш може да смета на пријателската поддршка на Унгарија. Што се однесува на војната во Украина, таа истакна дека Унгарија ја осудува агресијата на Русија но, кога се зборува за санкциите, поради нејзината специфична ситуација, мора да ги земе предвид своите национални интереси. Затоа, Унгарија се залага за прекин на војната и решавање на конфликтот по пат на преговори.

Во врска со прашањето на емиграцијата, двајцата соговорници го потенцираа заедничкото залагање и борба против илегалната емиграција. Џафери рече дека интеграцијата на нашата земја и целиот регион во Европската Унија ќе придонесе во подигнување на животниот стандард и следствено, ќе го намали притисокот за иселување.

На крајот на средбата, двајцата соговорници се заложија за интензивирање на соработката.