На средбата, како што соопшти МВР, министерот го информирал раководството на Синдикатот за предлог буџетот на Министерството за 2022 година и го потенцирал планираното зголемување на платите за пет проценти за вработените во Министерството. Тој го потенцирал и досегашното реновирање на 63 полициски објекти и планот следната година да се реновираат други полициски станици, како и почетокот на градба на ПС Аеродром, реконструкција на Центарот за обука во Идризово и реконструкција на Одделот за граѓански работи.
– При реконструкциите е посебно запазена и еколошката и штедлива компонента на користење на енергетски ефикасни материјали, така што веќе ниту еден објект на МВР од следната година нема да користи цврсти горива за затоплување, а генерирана е и заштеда само на електрична енергија од пет милиони денари, наведуваат од МВР.
Спасовски го информирал раководството на Синдикатот за поделбата на новите униформи за повеќе оддели во МВР, како и за опремата (кондури, чизми, јакни и друго) која се очекува да стигне и да биде поделена до јануари 2022.
Претседателот на Македонски полициски синдикат, Марјан Кицев се заблагодарил за соработката на Министерството со Синдикатот, посветеноста кон унапредување на работните, материјално техничките и оперативни услови за полициските службеници.
Спасовски и Кицев разговарале и за други теми важни за полициските службеници, како условите од колективниот договор и листата на плати, решавање на проблемот со дневниците на полициските службеници настанат од Законот за извршување на буџетот и се сложиле за најбрзо можно решавање на овие тековни проблеми.