Итно да се елиминираат непотребните и комплицирани бирократски процедури за инсталирање обновливи извори на енергија кои траат по 60 до 90 дена, да се зголеми домашното производство на основните земјоделски култури и да се активираат државните резерви ако сакаме полесно да ги пребродиме ценовните шокови, апелира денеска Сојузот на стопански комори (ССК).
Според ССК, компаниите се подготвени да инвестираат во обновливи извори, но главна пречка им се сложените административни постапки. Иако некои веќе ја имаат обезбедено опремата и треба да ја монтираат, губат време за вадење дозволи и документи, „трчајќи“ во општините и низ институциите.
-Бараме решителна реакција, сега и веднаш. Има најави, но бараме дела. Ако сакаме да се заштитиме од ценовни шокови, треба да одиме во еден правец – домашно производство и на енергенти и на прехранбени производи. На тој начин шоковите би биле помали и ситуацијата би се држела некако под контрола. Производството може да се зголеми, можеби не драстично, но секојдневно секако да, рече претседателот на ССК Трајан Ангелоски, одговорајќи на новинарски прашања по промоцијата на проектот за Сертификат за деловна успешност.
Според Ангелоски, главното прашање, сепак, е енергетиката и државата мора да реагира веднаш. Доцниме со инвестициите и сега, кога приватниот сектор презема иницијативи, тие се закочени, не можат да се реализираат.
-Од тука доаѓаат сите ценовни шокови и тука имаме апсолутно барање: реакција веднаш – укинување на комплицираните процедури за добивање дозволи за инсталирање обновливи извори. Компаниите можат добар дел од енергетските потреби сами да ги задоволат, а неопходното ќе го купат. Нема потреба да имаме толку сложени процедури, да губиме време по општини за градежни дозволи или по институции за вадење документи. Чекаме по 60 – 90 дена. Според неофицијални информации, само во една од скопските општини има 30 – 40 предмети за обновливи извори. Денес не е проблем да се обезбеди опремата, но на обезбедена опрема и можност таа да се монтира, ние сме закочени во административните процедури, подвлече Ангелоски.
Тој укажа дека земјава годишно увезува преку една милијарда евра енергенти.
-Веќе доаѓаат новите понуди и има две алтернативи: да инвестирате во обновливи извори и инвестицијата да ја вратите за три до четири години или да платите високи сметки и ништо да не добиете. Мислам дека е најпаметно да се инвестира во обнолниви извори, овој бран да се искористи во позитивен правец. Има многу површини на кои може да се инсталираат уредите, достапни се на пазарот, многу компании навлегоа во нивна монтажа и поставување, бирократските процедури се навистина непотребни. Затоа бараме се што е бирократска процедура да се симплифицра и тоа веднаш да се стори. Во оваа криза така најадекватно сите што можат да инвестираат, ќе се заштитат од ценовните шокови, потенцира претседателот на ССК.
Во однос на мелничко-пекарската индустрија, тој потсети дека подолго време се бара интервенција и активирање на државните резерви.
-Не ни е јасно зошто нема интервенција. Можеби владините структури имаат други методологии на активирање, но ние сметаме дека резервите служат за кога има недостаоци на пазарот или на високи ценовни шокови. Еден услов е исполнет. Не можам да кажам дали активирањето е задоцнето, но нашето барање е да се актиираат резервите сега, во услови на ценовни шокови, истакна Ангелоски и додаде дека „сега е моментот да покажеме дали сме навистина земјоделска земја како што постојано велиме“.
Коментирајќи ги цените во светски рамки, Ангелоски рече дека повеќето производи се на стабилно ниво.
-Три групи производи беа идентификувани како пробматични во февруари и март: металите, енергетните и прехранебите производи. Металите се горе-долу стабилизирани, со прехранбените се случува нешто слично ако се занемари делот со даноците, а во однос на енергентите, летен период е и не можеме да кажеме точно што ќе се случува со оглед и на новите санцкии кои ги наметнува ЕУ. Непознаница е следната зима во кој правец ќе одат цените, оцени претседателот на ССК.
Сојузот нема дилеми дека ценовниот шок од вчера до денеска е резултат на непродолжувањето на владината одлука за висината на ДДВ. Водно оценува и дека беше сосема нелогична одлуката со која се укина маржата за некои производи.
-Нашите очекувања беа постепено да се нивелираат даночните ослободувања, рече Ангелоски.