Од Сојузот на синдикатите на Македонија информираат дека враќањето на платеното отсуство за вработените во јавниот сектор е нивна заслуга и ги повикуваат приватните работодавци преку измена на колективните договори тоа да го овозможат и за другите вработени во државата.
-Надоместокот на плата, во висина од 100 отсто, за време за привремена спреченост од работа поради ковид-19, повторно е вратен на барање на ССМ за вработените во јавен сектор. Активностите кои ги презема ССМ во изминатиот период, поврзани со ова значајно прашање за работниците, дадоа резултат и покрај тоа што беше нанесена штета од одредени невладини организации. Повторно апелираме до работодавците од приватниот сектор, преку брзи измени во Општиот колективен договор ова право да го регулираме и за работниците во приватниот сектор, а доколку не, ги потсетуваме дека подадената рака од работниците денес, може многу лесно да стане стисната тупаница утре, велат од ССМ.
Можноста да добиваат цела плата додека не одат на работа поради ковид-19 Владата им ја овозможи на вработените во јавниот сектор со Заклучок донесен на 54. седница одржана на 16 овој месец. Како што може да се види од извадокот на Нацрт-записникот од седницата, во точката 66 – прашања и предлози пишува: Владата заклучи висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од работа на вработени лица во министерствата, органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и на Градот Скопје и општините во Градот Скопје да остане непроменет, односно да се исплаќа во полн износ за оние лица за кои е издадено решение за самоизолација заради спречување за ширење на заразната болест ковид -19 (коронавирус) од државен санитарен и здравствен инспекторат, по контакт со заболено лице од вирусот SARS-CoV-2, отсуството пред работодавачите да се оправдува со решението и истото да се доставува до работодавачот за регулирање на привремената спреченост од работа“.
Во приватниот сектор овие боледувања се регулираат како и останатите. Според колективните договори, за седум дена отсуство од работа се добива 70 проценти од платата, а за отсуствата над 15 дена 80 проценти, со тоа што во првите 30 дена исплатата е на товар на работодавецот, а потоа ја врши Фондот за здравствено осигурување.
Инаку, и ССМ и останати синдикати, како и Македонското здружение за заштита при работа,подолго време бараат оваа болест да се признае како професионално заболување.