Самата најава за зголемување на цените на енергенсите, наведе Јованов, веќе предизвика лавина на поскапувања на сите производи, пред се, на оние најважните животни продукти.
– За да не дојде до понатамошно осиромашување на граѓаните, бараме од цената да биде отстранета ангажираната моќност во висина од 33,33 проценти и да се намали цената на струјата за дополнителни 15 проценти заради надминување на т.н. ковид-криза, рече Јованов.
Исто така, дополни, бараме намалување на цената за 15 проценти на горивата и останатите енергенси.
Преставникот на Независниот синдикат на градежни работници инженери и трговци во градежништвото – НС ГРИТГ, Атанас Трајковски, пак, изјави дека „со најавата и со веројатноста за покачување на цените на енергенсите ќе дојде до зголемување на цените на основните животни продукти кои се потребни за опстанок на граѓаните и на секое семејство.
– Маслото за јадење, јајцата, лебот слушам дека некаде се веќе поскапени и другите основни продукти. Значи, ова не е мислење за народот, ова е мислење како да се наполни Буџетот и да се потроши во несоодветни цели. Не смееме ова да го дозволиме никогаш, рече Трајковски.