Британскиот премиер Кир Стармер истакна дека постигнувањето добар мировен исход за Украина ќе биде клучно за одржување на стабилноста во Европа. Тој денеска имаше состанок со европските лидери.  Стармер нагласи дека мирот во Украина ќе има далекусежни последици за безбедноста на целиот континент.

„Договоривме да работиме со Украина на план за прекин на борбите. Потоа ќе продолжиме со САД за развој на заеднички план“, рече Стармер.

Тој истакна дека истите разговори биле водени и со балтичките сојузници. И тие  активно се вклучени во барањето на решение за стабилност на Украина и Европа. Стармер посочи дека, додека Русија продолжува да ја води агресијата, истовремено објавува мирни иницијативи. Тој се обрати и на европските лидери, нагласувајќи дека е неопходно сите да се заложат за постигнување на долгорочен мир.

„Три клучни услови за постигнување на траен мир вклучуваат силна Украина која ќе може да се бори ако е потребно, безбедносни гаранции од европските земји и поддршка од САД“, додаде британскиот премиер.

Во рамките на овој состанок учествуваа претседателите на Украина, Финска и Франција, како и премиерите на неколку европски земји.  Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, исто така присуствуваа на средбата.

Од друга страна, холандскиот премиер, Марк Руте, изјави преку Икс дека Европа треба да преземе поголема одговорност во поддршката на Украина. Според Руте  мора да се зголемат трошоците за одбрана за одржување на силата на Северноатлантската алијанса.

Премиерот Стармер и европските лидери ќе продолжат со напорите за развој на мировен план кој ќе обезбеди долгорочен мир за Украина и стабилност за Европа.