Стефковски пред присутните истакна дека изминатиот период преку средби со граѓаните ги слушнал нивните проблеми, ветувајќи дека уште првиот ден од почетокот на својот мандат ќе донесе решени за запирање на постапката за отворање на нова тешка загадувачка индустрија на потегот од Железара до обиколница која што веќе била започната од страна на актуелниот градоначалник.

– Изминатиот период сме во постојани директни средби со граѓаните и програмата се содржи од идеи и предлози кои вие ги дадовте, а ние нудиме решенија за нивна реализација. Планирам веднаш да се зафатам со најгорливите предизвици со кои се соочуваме а тоа се заштитата на животната средина и зголемувањето на јавната чистота. Првиот ден, по мојот избор за градоначалник на Општина Гази Баба ќе донесам решение за запирање на постапката за отворање на нова тешка загадувачка индустрија на потегот од Железара до обиколница, која градоначалникот во заминување веќе има започнато. Наместо отворање на нови капацитети за загадување, ние во нашата програма предвидуваме засадување на повеќе од 500.000 дрва на територија на Општина Гази Баба во следните четири години, зголемување на површини за паркови и парковски зеленило, како и расчистување на сите диви депонии на наша територија. Без здрава животна средина илузорно е да се зборува за се друго, рече Стефковски.

Стефковски вети и решавање на проблемот на жителите од Трубарево, Сингелиќ, Инџиково и Ќерамидница за сместување на децата од предучилишна возраст, односно како што нагласи тој ќе се изградат нови 4 градинки.

– Во приоритети на идната локална власт на ВМРО-ДПМНЕ е згрижувањето на децата од предучилишна возраст, за таа цел предвидуваме изградба на 4 нови детски градинки и тоа во Трубарево, Сингелиќ, Инџиково и Ќерамидница. Со отворањето на овие градинки, долгите листи на чекање за запишување на деца во детските градинки во Општина Гази Баба ќе станат минато, додаде тој.

Стефковски е незадоволен жителите од Раштак, Брњарци и Страчинци да немаат чиста вода за пиење, укажувајќи дека во новата програма е предвидено и решавање на проблемот со водоснабдувањето, а паралелно со тој проект се обврза и на изградба и доизградба на фекална канализација за сите рурални населени места.

– За мене недозволиво е и еден жител да нема пристап до чиста вода за пиење. Затоа предвидовме решавање на водоснабдувањето и чиста вода во Раштак, Брњарци и Страчинци. Паралелно со овој проект се обврзуваме со изградба и доизградба на фекална канализација за сите рурални населени места, рече Стефковски.

Стефковски вели дека негова заложба ќе биде и подобрување на условите во образовниот процес, ставајќи посебен акцент на физичкото образование преку изградба на четири нови училишни сали.

– Предвидуваме и изградба на четири училишни спортски сали и тоа: спортска сала за учениците од Глигор Прличев во Железара, 25 Мај во Ченто, и за учениците во Наум Охридски во Црешево и Булачани. Со изградбата на овие училишни сали ќе ги подобриме условите во согласност со современите стандарди за реализација на наставните содржини по физичко и здравствено образование, објасни Стефковски.

Стефковски презентирајќи дел од предвидените проекти посочи дека сите категории на граѓани, од најмала до најстара возраст ќе бидат опфатени и тоа за пензионерите ќе се обезбеди пензионерски клубови.

– Во своите приоритети ги имаме и повозрасните лица, пензионерите кои заслужуваат да имаат што повеќе пензионерски клубови за подобар социјален живот и поквалитетно да го поминуваат слободното време. Нудиме решенија и за сообраќајниот метеж и недостатокот од паркинг места кој ги оптеретуваат жителите од урбаните населени места, особено Автокоманда, Ченто, Маџари. Предвидуваме изградба на катни гаражи во Автокоманда и Ченто и нови паркинг површини во урбаните средини, изјави тој.

Стефковски ја побара поддршката од граѓаните на општина Гази Баба истакнувајќи дека проблемите на граѓаните се и негови проблеми, но и обврска за да ги реши, додавајќи дека општина Гази Баба ќе биде сервис на граѓаните.

– Имам план, визија и стратегија. Проблемите на граѓаните се и мој проблеми и нивното решавање за мене ќе биде обврска. Општината ќе биде ваш сервис, на граѓаните, заклучи Стефковски.