Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски утрово најави нов Агроцентар во Гази Баба вреден над 50 милиони евра.

„Општина Гази Баба активно учествува во реализацијата на еден од најзначајните агроинфраструктурни проекти во поновата македонска историја – современ агроцентар кој ќе претставува нов двигател на развојот на македонското земјоделство. Во економската зона во Гази Баба, долж скопската обиколница помеѓу клучките Хиподром и Сингелиќ, наскоро ќе започне реализацијата на проект вреден над 50 милиони евра“, истакна Стефковски во објава на Фејсбук.

Посочи дека станува збор за современа агрофуд платформа која ќе биде централен логистички пункт за земјоделците од целата држава.

Новиот агроцентар ќе располага со: современи магацински капацитети, ладилници со најсовремена технологија, линии за сортирање и пакување, модерен дистрибутивен центар, инфраструктура за товарни возила и напредни логистички и транспортни системи.

„Овој проект не претставува само инвестиција во инфраструктура – туку инвестиција во иднината на македонскиот земјоделец. Со реализацијата на агроцентарот се очекува: подобра организација на пазарот, намалување на загубите, поконкурентни македонски производи, олеснет извоз и побрза и поефикасна дистрибуција низ државата и регионот. По години предизвици и нестабилен пласман, Македонија конечно добива проект кој носи реална надеж, сигурност и нова перспектива за домашното производство. Гази Баба станува новото срце на агроразвојот во Македонија – место од каде започнува една нова, модерна и посилна приказна за македонското земјоделство“, порача градоначалникот.