Ги охрабруваме владите на Македонија и Бугарија да продолжат со нивниот билатерален дијалог за решавање на разликите, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик портпаролот на Стејт департментот, на прашањето дали САД добиле некакви гаранции од бугарските партнери дека нема да има ново вето за македонските евроинтеграции откако би се усвоиле уставните измени, пренесува порталот Мета.

Специјалниот претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар, на дебата за регионот во Конгресот минатиот месец, рече дека САД се ангажирани со новата бугарска влада да се осигураат дека нема да има нови барања откако државата ќе ги исполни обврските од постоечките договори.

„САД силно ја поддржуваат целосната интеграција на Северна Македонија во Европската Унија. Европска Унија што го вклучува целиот Западен Балкан, вклучително и Македонија, ќе биде посилна и попросперитетна. Ги охрабруваме владите на  Македонија и Бугарија да продолжат со нивниот билатерален дијалог за решавање на разликите, исполнување на претходните договори и поддршка на брзиот пристап на Македонија“, се вели во изјавата од Стејт департментот за Гласот на Америка.

Седницата за првата фаза на уставните измени, односно за гласањето за потребата од промени на Уставот, е закажана за 18 август.

„За да ги продолжи своите аспирации за ЕУ, Владата на Македонија се обврза да донесе уставни измени за признавање на бугарското малцинство. Силно го поддржуваме овој тежок, но неопходен чекор“, рече Ескобар пред Конгресот неодамна.

Засега нема консензус меѓу власта и опозицијата за измените со кои и Бугарите би влегле во Уставот, што е услов за отворање на преговарачките поглавја.

Ескобар, во интервју за Гласот на Америка македонски јазик во мај, рече дека со поддршка на уставните измени опозицијата го поддржува евроатлантскиот пат на Македонија, а не премиерот.

„Ние не бараме од опозицијата да го поддржи премиерот. Бараме од опозицијата да го поддржи евроатлантскиот пат на Северна Македонија. Ова е најдобриот договор што го добивме. Тој е разумен, мислам засега, и треба да продолжиме напред што е можно побрзо. Затоа, се надевам дека сите страни на политичкиот спектар ги поддржуваат потребните промени за да можеме да продолжиме напред во унапредување на кандидатурата на  Македонија“, изјави Ескобар.

Бугарскиот претседател Румен Радев, пак, рече дека вклучувањето на Бугарите во Уставот е само „прелиминарен услов за почеток на преговорите за членство“, и оти не ги исцрпува условите што треба да ги исполни Македонија.