Советот за казниви дела при Врховсниот суд на седница одржана на 9 септември го уважи барањето на поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски за вонредно преиспитување на правосилната одлука и ја укина пресудата од 3 ипол години затвор.

Врховниот суд ги укина пресудите на Основниот кривичен суд и на Апелациониот суд Скопје во предметот против поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски и го врати предметот на повторно постапување и одлучување пред првостепениот суд.

Советот за казниви дела на седница одржана на 9 септември го уважил барањето на Јакимовски за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, поднесено преку неговиот бранител, адвокатот Виктор Цветковски од Куманово.

Предметот сега повторно се враќа пред Основниот кривичен суд Скопје, кој ќе треба одново да постапува и да одлучува.

Јакимовски во април 2025 година првостепено беше осуден на единствена казна од 3 години и 6 месеци затвор за две кривични дела, Бесправно градење и Злоупотреба на службената положба и овластување, во предмет поврзан со изградбата на општинската зграда во Карпош. За бесправното градење му беше утврдена казна од една година, а за злоупотребата на службената положба 3 години затвор.

Кривичниот суд тогаш пресуди и административниот објект на локалната самоуправа на улицата Радика број 9 да биде одземен во корист на државата. Во единствената затворска казна на Јакимовски требаше да му биде засметано и времето поминато во куќен притвор.

Апелациониот суд во мај годинава делумно интервенираше во првостепената одлука. Беше потврдена едногодишната затворска казна за бесправно градење, а во делот за злоупотреба на службената положба предметот беше вратен на повторно судење.

По правосилноста на делот од пресудата за бесправното градење, Јакимовски доби упатен акт и се јави на издржување на казната во затворот „Скопје“.

Извор: Плусинфо