Во Ѕинан порача дека е потребна посилна економска и регионална соработка
Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ од Ѕинан, главниот град на кинеската провинција Шандонг, порача дека во услови на глобални економски предизвици соработката меѓу државите е неопходна.
На 7. состанок на локалните лидери на Кина и земјите од Централна и Источна Европа и Неделата на соработка и размена на градови на пријателство Шандонг 2026, Стоилковиќ истакна дека Македонија ја гледа Народна Република Кина како значаен економски партнер и пријателска земја.
Тој посочи дека постои простор за продлабочување на соработката во инфраструктурата, инвестициите, технологијата, туризмот, образованието, културната размена и земјоделството.
„Веруваме дека периодот пред нас треба да биде период на поинтензивна економска комуникација, посилно поврзување на регионите, градовите и компаниите, како и отворање нови можности за странски инвестиции и заеднички проекти кои ќе донесат конкретни придобивки за нашите граѓани“, порача Стоилковиќ.
По 10 години прва официјална посета на високо ниво во Кина
Во изјава за МИА, Стоилковиќ оцени дека ова е прва сериозна официјална посета на Кина на високо ниво од македонска делегација по подолг период.
„После подолго време, поточно по 10 години, да не кажам по подолго запуштени односи помеѓу нашата држава, Република Македонија и Народна Република Кина, ова е прва сериозна официјална посета на многу високо ниво“, изјави Стоилковиќ.
Тој посочи дека на средбата со Шен Ичин, државен советник на Народна Република Кина и личен претставник на Си Џинпинг, биле отворени три важни прашања поврзани со економската соработка меѓу двете земји.
Според него, во наредниот период може да се очекува продлабочување на економските односи и проекти што би имале позитивен ефект врз македонската економија.
Потпишани договори и одржани повеќе сесии за соработка
На состанокот, кој се одржа под мотото „Заедно ја обликуваме иднината“, учествуваа високи кинески претставници, како и делегации од повеќе земји од регионот.
Меѓу говорниците беа и Адријана Месаровиќ од Србија, Маринко Чавара од Босна и Херцеговина и Мирсад Нурковиќ од Црна Гора.
Во рамки на настанот беа потпишани договори за меѓународно пријателство и односи меѓу градови, а беа презентирани и резултати од програмите за културна, научна и бизнис соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа.
На форумот учествуваа околу 600 претставници од локални власти, бизнис-заедницата, универзитети, научни институции и меѓународни организации.
За време на посетата на Кина, Стоилковиќ го посети и Шангај, а даде интервјуа и за кинески медиуми, меѓу кои и за државната телевизија CGTN.
