Од партијата велат дека се сервисираат обврски создадени од претходната власт
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека Владата во изминатите шест квартали обезбедила економски раст над три проценти, раст на платите близу 10 проценти, како и зголемување на бројот на нововработени лица и историски најниско ниво на невработеност.
Од партијата наведуваат дека паралелно со економскиот развој се сервисираат и долгови создадени во периодот кога СДСМ беше на власт.
Според соопштението, минатата година била отплатена еврообврзница од 500 милиони евра, а годинава за отплата е еврообврзница од 700 милиони евра. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека половина од обврската веќе е сервисирана, а остатокот треба да биде исплатен во текот на јуни 2026 година.
Тврдат дека до 2031 година треба да се сервисираат околу девет милијарди евра
Од владејачката партија посочуваат дека во периодот од 2026 до 2031 година државата има обврска да сервисира околу девет милијарди евра по основ на главнина и камати од, како што наведуваат, стари долгови.
„Само од втората половина на 2024 година до првиот квартал од 2026 година беа обезбедени 1,2 милијарди евра исклучиво за сервисирање на еврообврзници земени од претходната власт“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението се наведува и дека капиталните инвестиции се реализираат на историски високо ниво, за разлика од периодот кога СДСМ беше на власт.
ВМРО-ДПМНЕ го обвини СДСМ за лошо економско менаџирање
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека поради, како што велат, лошото менаџирање на државата од страна на СДСМ, сега се враќаат 50 милиони евра на 156 компании за мерката солидарен данок.
Во партиското соопштение се посочува дека од 2017 до вториот квартал на 2024 година јавниот долг бил зголемен за 4,78 милијарди евра, додека просечниот економски раст изнесувал 1,8 проценти.
„Разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДС во делот на економијата е јасна. Граѓаните на изборите ги казнија лошите економски политики на СДС кои ги осиромашија граѓаните“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
