Заврши првиот дел од расправата за Буџетот за 2023-та година во која ги вкрстивме фактите за економската состојба во која се наоѓа Македонија. Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ потенцираше дека јавниот долг за 5 години е зголемен за 3 милијарди евра, дека Владата на СДСМ и ДУИ сосе Буџетот за идната година ќе потроши над 25 милијарди евра, а граѓаните живеат се’ полошо, дека растот на македонската економија е најнизок во регионот, дека Министерството за финансии дава преоптимистички проекции за иднината, а сите меѓународни финансиски институции се резервирани и ред други аргументи и факти кои колегите од СДСМ и ДУИ ги премолчеа. После тридневна расправа имам сериозна дилема дали пратениците од мнозинството се воопшто свесни до кое дереџе ја донесоа државата или живеат во сопствен паралелен универзум во кое премиерот им е главен стенд ап комичар, а тие си организираат караван низ Македонија, истакна денес Бојан Стојаноски, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
-Од денес па во наредните седум работни дена Комисијата за финансирање и буџет ќе работи по конкретни предлози поднесени од пратениците т.е. амандманска расправа. Вкупно се поднесени над 250 амандмани, а од нив 200 се на опозициската ВМРО – ДПМНЕ. Во текот на денешниот ден очекуваме да се расправа за амандманот со кој бараме дополнително одложување за една година на прогресивното оданочување. Овој неуспешен експеримент на СДСМ заврши со разрешување на Тевдовски, а сега на мала врата се враќа од 01.01.2023 година. ВМРО – ДПМНЕ е против казнување на најпродуктивните лица во Македонија. Покрај овој амандман денес ќе се разгледаат и предлозите на ССМ и КСС за зголемување на платите во администрацијата и предлогот со кој би се овозможила финансиска поддршка за работниците чии плати се од 18 до 22 илјади денари. Да потсетиме дека минимална кошница изнесува над 50 илјади денари, а инфлацијата кај храната надминува 30%. Бараме колегите од власта да прифатат амандман со кој ќе се намали акцизата за течните горива за 50% со што ќе им се помогне на граѓаните, но и на стопанството. Бараме да се запре со тенденцијата на постојано поскапување на електрична енергија со тоа што ДДВ за електрична енергија нема да се зголеми од 5% на 10% од Нова година, истакна тој.
Стојаноски потенцира дека ова се само дел од амандманите за кои денес ќе се дебатира и гласа во Собранието.
-Ние ќе ги изнесеме аргументите зошто нашите предлози треба да се прифатат како би се подобрил животот на граѓаните. Имаме тронка надеж дека пратениците на мнозинството ќе имаат барем малку грижа на совест и за момент ќе работат во интерес на граѓаните, вели тој.