Пратеникот на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски денеска во изјава за медиумите истакна дека опозициските партии не сакаат нов Изборен законик, туку сакаат блокада.

-Гледаме спротивни реакции на опозицијата денеска иако требаше да се одржи средба за изборниот законик. Тука доаѓаме до заклучок дека опозициските партии не сакаат нов Изборен законик, туку сакаат блокада. Со месеци се преговараше, над четири месеци, па кога требаше да се поднесе законот се повлекоа. Со што директно одиме на тоа дека едноставно опозицијата нема интерес овој закон да биде донесен и да го исполниме последниот бенџ-марк кој го имаме како обврска од Реформската агенда. По четири месеци секојдневно работење и во Министерството за правда и во комуникациите помеѓу Собранието, сега гледаме дека се бараат експертски расправи итн, всушност укажуваме дека најверојатно постои договор меѓу опозициските партии овој закон да не биде донесен – рече Стојаноски.

Го повтори ставот на владината коалиција дека ќе прифатат се за што опозициските партии ќе се договараат се додека во тоа законско решение е вклучено и гласањето на дијаспората.

-Она што е суштински важно да го повторам нашиот став – сето тоа што тие партии го имаат како разлика и би го договориле помеѓу себе за да се надминат тие разлики, ние би го прифатиле без никаков услов се додека во тоа законско решение е вклучено и гласањето на дијаспората. Остануваме и натаму веднаш спремни такво законско решение да прифатиме, да го потпишеме и да го поднесеме со цел Македонија да добие Изборен законик кој ќе го унапреди моделот за изјаснувањето на дијаспората, но и ќе го исполни бенџ-маркот кој го имаме во насока на исполнување на обврските од Реформската агенда – потенцира пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Стојаноски смета дека доколку тоа не се случи во текот на денешниот ден, со оглед дека рокот е до 15 јули, уште еднаш ќе се покаже хипокризијата на опозицијата. Оти, вели, во првиот дел од денот преку соопштенија не обвинуваат дека не сме ориентирани кон исполнување на реформи за проближување до ЕУ, а во вториот дел на денот самите ги блокираат бенџ-марковите кои ги има нашата држава.