„Општините предводени од СДСМ први се имаат пријавено на повикот на Министерството за локална самоуправа за средствата од овој кредит од 250 милиони евра за општините и 250 милиони евра за бизнисот. Додека пак СДС несвесно формираа преседан и го ставија партискиот интерес пред државниот, избегаа од дебата затоа што немаа што да кажат“, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски во денешното гостување на емисијата „Аргумент плус“ на ТВ 24.

Стојаноски посочи дека во изминатите 7 години во Македонија имаше континуирана криза предводена од Владата на СДС и ДУИ.

„Имаше континуирана криза на влада предводена од СДС и ДУИ 7 години со 4,6 милијарди задолжување повеќе од сите влади претходно, а ниту еден километар автопат не е завршен, ниту еден километар железничка пруга не е завршена, ниту една болница не е изградена, клиничкиот центар е ист таков како што го напуштивте и дополнително се плати пенали за истиот, не постои ниту еден експресен, регионален, магистрален автопат или било каков проект кој владата на СДС и ДУИ го испроектирала и бил завршен“, истакна Стојаноски.

Тој потенцираше дека јавноста во наредниот период ќе ги добие одговорите за што точно биле потрошени пари.

„Основното прашање е за што биле потрошени овие пари. Со оглед на тоа дека СДС бега да одговори на ова прашање во наредниот период јавноста ќе ги добие одговорите“, заклучи Стојаноски.