Еклатантен пример за епски криминал од 22 милиони евра кои граѓаните треба да ги платат за да завршат во приватните џебови. Се работи за Конзорциум кој го носи името ИРД и составен од 4 компании од кои едната е Ептиса која во моментов е компанија што е спорна, друга странска и две домашни. Едната е Електросолушн, која е компанија ќерка на друга компанија која претходно учествувала во претходниот Конзорциум кој го добил договорот, а за која Артан Груби викаше дека има руски капитал и Евроконслатинг во сопственост на лице кое во Ерменија е под обвинение дека сторил криминал за иста ваква суштина, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски за „Тема на денот“ во Дневникот на Сител, во врска со надзорот за коридорите 8 и 10д.
Стојаноски истакна дека ако ги погледнете сите документи и докази на располагање, има пет 5 клучни работи кои може да се напоменат и преку кои очигледно е сторен криминалот.
Првиот е онаа потврда со која оваа Ептиса се тргна од црната листа, односно од компаниите кои добиле негативна референца. На 30.9.2021 година владата им укажува на институциите и на општините за капитални проекти над 1 милион евра дека не треба да ја ангажираат оваа компанија бидејќи не се покажала во надзорот на правата фаза за пругата Бељаковце – Крива Паланка. Потоа неколку месеци подоцна има заклучок на влада каде се укажува дека сите институции кои имаат договор со оваа компанија треба да го раскинат, а неколку недели потоа откако е објавен тендерот, оваа компанија преку министерството за транспорт и врски добива потврда дека може да работи, рече Стојаноски.
Додаде дека вториот дел е промена на спецификациите во самата тендерска постпака која на 10.10.2022 ја прави владата со која менува две суштински работи, го менува рокот додека траее огласот за 8 дена повеќе и втората работа го трга „позитивен“ биланс и останува само биланс со што Ептиса има можност да добие тендер.
– Трето, Електросолушнс на 3.10 добива лиценца од министерството за транспорт и врски за вршење на дејност што значи дека неколку недели откако е почната таа набавка. Ова е компанија на Андон Ампов, син на Сотир Ампов кој е сопственик на компанијата Институт за патишта Велес кој учествувал на претходната набавка за надзор и не успева да уплати банкарска гаранција бидејќи имал руски капитал средства кои биле замрзнати. Се поставува прашање зошто владата инсистира на ова семејство, како таткото имал руски капитал, а синот нема? – вели Стојаноски.
Тој истакна дека како четврто, е што Конзорциумот ја добива можноста согласно договорот потпишан сега да го прави и надзорот и да го составува договорот кој оваа влада треба да го потпише и тоа значи дека надзорот не може да биде независен.
– Петтиот и последен, е дека ЈО треба да реагира за тоа што сопственоста на Ептиса не е сменета како што кажуваше Артан Груби. Тоа е компанија од Кина која ја има купено Ептиса, и целиот менаџмент и сопственост е од Кина и целиот менаџмент е кинески. Кинески капитал, кинеска компанија ќе врши надзор, нагласи Стојаноски.
Според Стојаноски во овој момент не може да се знае дали овој проект за коридорите ќе чини 1,3 милијарди евра туку може и да дојде до 2,5 милијарди евра и затоа е надзорот важен, затоа што оваа може да му укажува колку да напише, а тоа да биде платено од граѓаните.