Нејзиното обраќање го пренесуваме во целост:
Владата на Зоран Заев продолжува со поткопување на националните интереси и селективно почитување на Законите на Република Македонија. Со усвојувањето на одлуката за одобрение за вршење високообразовна дејност на странската високообразовна установа Великотрновски универзитет „Св. Св. Кирил и Методиј” од Велико Трново, Република Бугарија, на територијата на Република Македонија, Владата повторно ја става Македонија и македонската јавност во подредена положба, односно повторно прифаќа се што се бара од нашиот источен сосед, токму како и во сите преговори, без соодветен реципроцитет. Ние велиме „да” за квалитетно образование, „да” за влез на квалитетни и високо рангирани светски универзитети кои ќе го подобрат нивото на македонското високо образование, но, според сите релевантни светски листи на рангирање, Универзитетот во Велико Трново е двојно полош од македонскиот УКИМ и за преку илјада места полош од Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип. Оттука, каква корист има Република Македонија од отворањето на оваа странска институција? Истовремено, со оваа одлука Владата крши три Закони и тоа: Законот за авторски права и индустриска сопственост, Законот за установите и членови од Законот за трговски друштва.
Во време кога Министерството за образование и наука, предводено од Мила Царовска, задава последователни удари врз образованието и насила воведува таканаречени „реформи” и нови концепции со кои се бришат предмети од високо општествено значење, како историјата, акредитирањето на нов Универзитет на кој наставата ќе се одвива претежно на бугарски јазик создава слика дека Мила Царовска и Зоран Заев воопшто не се грижат за македонските национални интереси, напротив продолжуваат да ги распородаваат.
Образованието е најсилната алатка за создавање на силна, совесна, општетсвено одговорна и државотворна иднина на една земја. Поткопувањето на образованието и науката се проверени методи во уништување на еден народ и неговите национални обележја, а со акредитирањето на овој универзитет „Св. Св. Кирил и Методиј” од Велико Трново, Владата не само што отстапува простор за директно индоктринирање на младите со познатата реторика на источниот сосед, туку дополнително го намалува квалитетот на образованието во Македонија.
И покрај тоа што најголемиот дел од експертите во оваа област, вклучително и Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје јавно го искажаа сомневањето во оваа одлука и повикаа на почитување на Законите, Владата, односно Заев и Царовска продолжуваат со игнорирањето на граѓаните, експертите и Законите. Ги повикуваме сите правни субјекти да ја преиспитаат оваа владина одлука и да стават крај на непочитувањето на Законите во Македонија и уништување на достоинството на македонските граѓани.