Столтенберг рече дека членките на НАТО не треба да дозволат спорот меѓу Франција и САД и Велика Британија да доведе до траен раскол.
Лидерите на Европската унија (ЕУ) ја поддржаа Франција во спорот околу одлуката на Австралија да се откаже од договорот со Французите за купување подморници и да потпише трилатерален азиско-пацифички безбедносен договор со САД и Велика Британија.
Сепак, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, не поддржа ниедна страна, и го истакна единството околу главните цели на Алијансата.
– Сосема го разбирам разочарувањето на Франција. Во исто време, сојузниците во НАТО се согласуваат за најважните работи, а тоа е дека ние мора да бидеме обединети за да се соочиме со заедничките предизвици, вклучително и промена на глобалната рамнотежа на силите, рече тој на маргините на Генералното собрание на ОН.
Столтенберг изрази уверување дека Франција, Велика Британија и САД „ќе најдат пат напред и нема да дозволат несогласувања да создадат трајни проблеми за алијансата“.
Француските власти постојано го осудуваат раскинувањето на договорот и новото стратешко партнерство меѓу трите земји, сметајќи го за предавство.
Министрите за надворешни работи на ЕУ изразија поддршка за Франција по состанокот на маргините на Генералното собрание на ОН.
Австралија тврди дека договорот за подморници се однесува на заштита на нејзините стратешки интереси во услови на општа загриженост за зголеменото влијание на Кина.
Канбера го откажа купувањето на 12 француски дизел-електрични подморници, во вредност од 66 милијарди долари, и наместо тоа одлучи да купи најмалку осум технолошки напредни, нуклеарни подморници од Велика Британија и САД.
Обединетото Кралство и САД инсистираат дека несогласувањето не треба да ги наруши нивните севкупни односи со Франција.