Бизнис заедницата бара враќање од „партиската“ кон „државната агенда“ преку Декларација за општествен консензус и за економски реформи, политики и мерки, што Стопанската комора на ја донесе на својата стогодишнина.

Во документот се наведува дека севкупната политизација на секоја пора од општеството и доминацијата на интересот на политичките партии над државниот интерес е неодржлива ситуација и на долг рок води кон економска пропаст на земјата.

Претседателот на Комората Бранко Азески ги повика сите парламентарни политички партии да ја потпишат Декларацијата бидејќи смета дека на тој начин сите релевантни општествени чинители би се согласиле дека во наредните 10 години приоритет ќе има економијата.

„Во државата во овој момент состојбите се јасно дефинирани, со бројки докажани, со факти докажани дека не можат да обезбедат развој за нас и да отворат перспективи за младите генерации. Време е да ги дефинираме приципите на соработка меѓу приватниот и јавниот сектор. Време е да ги обединиме нашите сили и да работиме заедно, било како компании, универзитети, академска заедница или политички партии, за да го оствариме нашиот заеднички потенцијал. Во наредните 10 години приоритет да и се даде на економијата“, вели Азески.

Декларацијата веќе е потпишана од над 300 најзначајни компании, МАНУ, сите државни универзитети, сите бизнис асоцијации и од ВМРО-ДПМНЕ, како парламентарна политичка партија.

Итната потреба од општествен консензус Стопанската комора ја поткрепува и со нефункционирањето на правната држава и непочитувањето на пазарните законитости. Бизнисот бара да престане и праксата на носење закони по скратена постапка, зашто на тој начин се заобиколува Стопанската комора, но и сите бизнис асоцијации да се произнесат за тоа.

Стопанската комора во Декларацијата потсетува дека македонската економија остварува разочарувачки бавен раст. Од 1992 година наваму има реален раст на БДП од 1,7 отсто просечно годишно. Учеството на јавниот долг во БДП се зголеми од 23 отсто во 2008 година на 57,9 отсто на крајот на јуни 2023 година. Маневарскиот простор за нови задолжувања се стесни и земјата се соочува со ризикот да стане презадолжена доколку трендот на задолжување продолжи. Македонија не успеа да го реформира својот образовен систем и не продуцира кадри со знаења и вештини што ги бара пазарот и новото време. Во текот на три децении Македонија не успеа да го заокружи квалитетно нфраструктурното поврзување, ниту во земјата ниту со соседните земји. Поради отсуство на конзистентен пристап земјата остана високо зависна од увоз на енергенси, а со тоа и подложна на силни ценовни удари без обезбедена алтернатива.