Со овие дигитални сертификати, се намалува времето на издавање за 82 проценти и се елиминирани трошоците за хартија и печатење на документи. За разлика од претходно, компаниите сега многу побрзо ги добиваат овие е-сертификати, притоа заштедувајќи време и пари. Сертификатите се прифатени од земјите -членки на Европската унија, Западен Балкан, членките на МАГРЕБ, земјите-членки на Евроазиската економска унија, САД, Канада, Обединетото Кралство, Украина и Виетнам.
Според потпретседателката на Комората, Анета Трајковска, пристапувањето кон процесот на дигитализација е голема придобивка особено во услови кога поради здравствено-економската криза предизвикана од корона-вирусот се јавува неопходна потреба од дигитализирање на процесите, секаде каде што е можно.
„Платформата за дигитална трансформација на деловните процеси и издавање на е-документи“ е изработена од „Некстсенс“. Се работи за веб базирана платформа која услугите на Комората ги прави 24/7 достапни од било каде со пристап до интернет и дигитален сертификат. Услугите се целосно електронски, со вклучено електронско плаќање, без потреба од физичко присуство, автоматизација на процесот за поднесување на барање и издавање документи и високи безбедносни стандарди.
Стопанската комора на Македонија на почетокот на месецов беше прогласена и за дигитален шампион за 2021 година. Наградата и беше доделена на министерската конференција во Женева од страна на Светската Трговска Организација (WTO), Мeѓународната стопанска комора (ICC) И Меѓународниот центар за трговија (ITC). На свеченото доделување, потпретседателката на Комората Елена Милевска-Штрбевска истакна дека со дигитализацијата им се помага на бизнисите да работат дигитално и да се справат со тешкотиите предизвикани од Ковид-19.