Политички блокади и застој во проширувањето – Николоски ја разоткрива играта на ЕУ и Бугарија

Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и министер за транспорт, во гостувањето на „Само интервју“ на Канал 5 телевизија зборуваше за статусот на пристапните преговори со Европската унија и влијанието на условувањата од Бугарија.

  • „Никој не е толку наивен да се вовлече во играта на Бугарија со постојани условувања и бескрајни вета. Ако ова е навистина последниот услов, тогаш можеме да разговараме. Но, ако не е, нема да дозволиме повторно да страдаме. Основниот проблем е многу подлабок – тоа е одлуката на најмоќните членки на ЕУ веќе 10 години да го запрат проширувањето“, изјави Александар Николоски.

Николоски потсети дека единствениот политичар кој отворено ја обелоденил вистината за проширувањето бил Жан-Клод Јункер, кој уште пред неколку години нагласил дека „нема да има проширување на ЕУ“.

  • „Жан-Клод Јункер беше единствениот политичар кој отворено и искрено ни рече дека нема да има проширување на ЕУ. По него, двајца еврокомесари за проширување не успеаја да донесат ниту една нова членка. Сега се слушаат ветувања од Марта Кос, но не гледам никакви конкретни чекори кои би потврдиле дека тоа навистина ќе се случи“, изјави Александар Николоски.

Александар Николоски: „Процесот е закочен и за другите земји од регионот“

Во своето гостување на Канал 5, Александар Николоски се осврна на состојбата на пристапните процеси и за другите држави во регионот.

  • „Сите сме сведоци на тоа што се случува во регионот. Србија доби вето. Грција веќе најавува вето за Албанија. Црна Гора преговара со години и нема никаков напредок. Турција преговара веќе две децении и сè уште нема резултат. Сето ова покажува дека блокадите во проширувањето не се само проблем на Македонија, туку и на целиот регион“, нагласи Александар Николоски.

Според него, овие примери покажуваат дека нема искрен пристап кон земјите од Западен Балкан и дека блокадите се дел од поширока стратегија на ЕУ.

Нови инфраструктурни проекти – Македонија ги отвора вратите за економски раст

Александар Николоски информираше за значајни инфраструктурни проекти кои ќе бидат пуштени во употреба за новата година. Тој нагласи дека три големи инфраструктурни проекти ќе бидат отворени, што претставува исклучително достигнување за регионот.

  • „Македонија е единствената држава во регионот што ќе отвори три инфраструктурни проекти за нова година. Станува збор за пругата Куманово – Белјаковце, експресниот пат Ранковце – Крива Паланка и првата фаза на експресниот пат Прилеп – Градско. Ова постигнување го нема ниту една друга држава во регионот“, изјави Александар Николоски.

Тој истакна дека проектите биле заглавени претходно, но во актуелниот мандат се финализирани и ќе бидат пуштени во употреба.

  • „Сите проекти кои ги отвораме за нова година беа започнати порано, но беа заглавени. Сега, овие проекти се финализирани и ќе бидат ставени во функција, што претставува големо достигнување за државата“, рече Николоски.

ДУИ под оган – Николоски обвинува за „создавање проблеми за да се прикажат како спасители“

Коментирајќи ги протестите на ДУИ пред Уставниот суд, Александар Николоски изјави дека се работи за политичка манипулација поврзана со разгледувањето на Законот за употреба на јазиците по пет години.

  • „ДУИ игра класична политичка игра – од една страна создаваат проблеми, а од друга страна се прикажуваат како оние што ги решаваат. На овој начин сакаат да се прикажат како спасители на Албанците и како гаранти на стабилноста на државата“, изјави Александар Николоски.

Според него, ова е дел од стратегијата на ДУИ за одржување на политичко влијание и покривање на неуспесите на т.н. зелена агенда.

  • „ДУИ ја промовираше зелената агенда, но таа целосно пропадна. Сите се сеќаваме на фотографиите каде што трчаа низ планините во зелени маици, предводени од Мерко. Но, кога станува збор за реални проекти, нема активности. Наместо тоа, се фокусираат на лични интереси и полнење на сопствените џебови. Етничките тензии се нивната главна тема – тие ги создаваат, па потоа се обидуваат да ги решат“, објасни Николоски.