Локалната иницијатива „И здравје и работа“, која се залага за економски напредок на Струмичкиот регион и отворање нови работни места, смета дека земјата не смее да остане настрана од развојните процеси во рударскиот сектор. Според нивниот став, домашниот инвестициски потенцијал во рударството мора активно да се искористи.

Како позитивен пример во регионот го посочуваат рудникот за злато и бакар Скуриес на Халкидики во соседна Грција, кој веќе започнува со редовно производство. Овој проект покажува дека стратешките инвестиции во минералните ресурси можат да бидат главен столб на националната економија во време кога сите држави се натпреваруваат за привлекување капитал.

Од иницијативата нагласуваат дека рударството не претставува пречка за останатите економски гранки. Регионалните искуства потврдуваат дека рудниците можат рамноправно да функционираат паралелно со земјоделството, туризмот и услужните дејности, истовремено отворајќи нови можности за локалните добавувачи и инфраструктурата.

Според нивните анализи, современите стандарди и континуираниот мониторинг овозможуваат развивање на вакви комплекси со минимално влијание врз животната средина, што треба да ги надмине постојните стравови кај јавноста.

За Струмичкиот регион, конкретната реализација на рударскиот комплекс Иловица-Штука се смета за двигател на нов локален економски импулс и отворање добро платени работни места. Затоа се бара надлежните институции да носат храбри одлуки базирани врз стручни анализи, а не врз дневнополитички пресметки.